Претходна статија
Катната гаража спроти „Макпетрол“ наскоро готова, за онаа кај „Беко“ ќе се раскинува договорот
Следна статија
Регулаторната комисија за енергетика го прекина издавањето дозволи за нови соларни електрани

ТЕМА: Ниту систем за изнајмување велосипеди, ниту потребна инфраструктура во македонските градови

Објавено на 24.09.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Поголемите македонски градови не се заинтересирани за воведување на организирано изнајмување велосипеди за граѓаните, кое би го спровеле со сопствени средства, со помош на државата, невладините организации или пак приватни партнери. Недостасуваат и прецизни информации за должината на велосипедската инфраструктура во градовите од земјава. Потребните патеки за велосипедисти допрва треба да се градат, а оние што веќе ги има се наоѓаат во лоша состојба и се неадекватно обележани за сообраќање на превозните средства на две тркала. Наспроти ваквата ситуација во Македонија, проектите за воспоставување јавен велосипедски системи во европските држави се префрлуваат од милионските метрополи кон помалите градови, каде поради растоварениот сообраќај и поретката населеност, условите за возење велосипед се значително подобри.

 

 

 

 

Интернет – порталот „Билд“ ги исконтактира локалните самоуправи во Тетово, Битола, Прилеп, Гостивар, Штип, Охрид и Струмица со желба да добие одговори на прашањето во каква состојба е велосипедската инфраструктура во нивните населени места и дали планираат да воведат систем за изнајмување велосипеди. Од општина Струмица нагласуваат дека концептот е предвидено да се реализира со буџетски средства во текот на 2013 година. „Оваа година е изградена велосипедска патека во должина од 6 километри во градот и истата е во одлична кондициона состојба. Во 2013 година е планирано да се изградат уште 25 километри надвор од градот, под планините на Беласица“ истакнува Тони Милушев, раководител на Одделението за локален економски развој при општината.

 

Локалните власти од Штип напоменуваат дека конфигурацијата на градот не дозволува интензивно користење велосипеди бидејќи е релативно нерамен. Точен податок за должината на велосипедската инфраструктура не постои, но истата би требало да изнесува околу 5 километри. „Во програмата за оваа година не се предвидени активности сврзани со изнајмување на велосипеди и изградба на велосипедски патеки“, информираат од општина Штип. Од локалната самоуправа во Гостивар истакнуваат дека во иднина ќе бараат соодветно решение за потребната инфраструктура, при што напоменуваат дека најгорлив проблем за велосипедистите е узурпацијата на просторот од автомобили во функција на нивно паркирање. „Веќе се направени неколку истражувања и обиди за да се најде решение со паркинг – простор, за да се воспостави контрола на сообраќајот, за да може да функционираат и велосипедските патеки“, изјавуваат од општина Гостивар.

 

 

 

 

И додека во Македонија сеуште се размислува, во европски рамки се остварени стотици успешни проекти за воведување на велосипедот како дел од јавниот превоз во градовите. Франција и Германија предничат во рамките на континентот, со по 34 реализирани системи за изнајмување на овие превозни средства, како од страна на локалните самоуправи во соработка со невладините организации, така и преку партнерство со државата, рекламните компании и со државните железници. На глобално ниво, убедливо најразвиена јавна мрежа за изнајмување има кинескиот град Хангжоу со 60.600 велосипеди што им стојат на располагање на тамошните граѓани. Во речиси сите европски главни градови од година во година се зголемува бројката на автоматизирани пунктови кои овозможуваат превоз на граѓаните помеѓу најважните точки од јавен интерес во градовите, особено во нивните централни јадра.

 

И во балканските земји во изминатата година се реализираа неколку успешни проекти од оваа област. Иако воведен по проектот во Скопје, јавниот велосипедски систем „Ековолис“ доживеа вистински успех помеѓу граѓаните од главниот град на Албанија. Тој се воведе во пролетните месеци од 2011 година, со првиот пункт составен од 80 велосипеди во паркот „Ринија“, а по само една година во план е надградба на проектот со станици за изнајмување на овие превозни средства на секои 300 метри во центарот на градот кои ќе бидат автоматизирани и достапни за граѓаните во текот на целиот ден. Тиранчани го прифатија „Ековолис“, а вистински доказ за тоа се веќе купените 700 членски картички, како  и 1.500 повремени корисници на велосипедите. Слично на Тирана, и Нови Сад минатата година го воведе проектот „NS Bike“, со кој граѓаните преку посебна електронска картичка можат да ги изнајмуваат омилените превозни средства од три пунктови во градот.

 

 

 

 

Во Македонија единствено во главниот град е реализиран проектот „Скопје изнајми велосипед“, со кој на граѓаните им е овозможено за минимална сума од 10 денари за час да се транспортираат до посакуваната дестинација на економичен и експедитивен начин. Со досега отворените пунктови сепак не се постигна позначителен успех. Се зголеми единствено бројката на велосипеди за изнајмување, која нарасна на 215, но потегот на градските власти не успеа да ги отргне граѓаните од употребата на своите автомобили, барем во централното градско подрачје. Како отежнувачка околност е и целокупниот процес на рентање на превозните средства, кој не е автоматизиран, но и велосипедите не се снабдени со сигурносни уреди кои би го оневозможиле нивното крадење од несовесни лица.

 

Истовремено, инфраструктурата се шири најчесто во функција за развој на рекреативното возење велосипеди. На тој начин, не се остварува круцијалната идеја на ваквите проекти кои имаат за цел да опадне употребата на автомобили и сообраќајниот метеж во градските средини, како и да се намали потребата од паркинг места. Европските искуства покажуваат дека ваквите зафати најчесто се остваруваат со иницијатива на локалната самоуправа во соработка со невладините организации или државата, но во последно време силен пробив направи и рекламната индустрија која започна бесплатно да им нуди велосипеди на општините, во замена за рекламирање брендови на пунктовите, автоматите и превозните средства со две тркала.

 

 

Бојан Блажевски