Претходна статија
И во Битола ќе се воведе зонското паркирање
Следна статија
Успешно реализирана 21-та Меѓународна летна школа за архитектура

ЕЛЕМ планира да гради концентрирачка соларна електрана во близина на РЕК Битола

Објавено на 08.07.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Концентрирачка соларна електрана која ќе го интегрира производството на топлина од сончевата енергија во постојната термоелектрана на РЕК Битола, при што би се добила нова комбинирана електрана на јаглен и соларна енергија е најновиот предлог за позначајно зголемување на производството на електрична енергија од страна на Електрани на Македонија (ЕЛЕМ). Државната компанија до Министерството за животна средина и просторно планирање веќе има доставено Известување за намера за спроведување на проектот за воспоставување нов енергетски објект во пелагонискиот регион. Предложената соларна електрана би се простирала на површина од 390.000 метри квадратни, а нејзината вкупна инсталирана моќност би била 225 MW што е еквивалентно на моќноста на еден од постоечките три блока во термоелектраната.

 

Доколку се реализира овој крупен проект, тогаш минималното годишно производство на концентрирачката соларна електрана би било 104 GWh, а доколку се обезбедат финансиски средства енергетскиот објект би можел да се изгради во период од 12 до 18 месеци. Постројката би користела технологија на параболични колектори или линеарен Фреснелов колектор. Во објавениот документ се нагласува дека топлинската енергија од сонцето би можела да се употреби како индустриска топлина, да се претвори во електрична енергија или пак да се користи за добивање на вектори на хемиска енергија.

 

Параболични колекториЛинеарни Фреснелови колекториЛинеарни Фреснелови колекториКонцентрирачка соларна електрана

 

 

Идниот енергетски објект ќе биде суштински поврзан со РЕК Битола, така што е планирано да се изгради на одделеченост помала од еден километар од најголемиот македонски производител на електрична енергија, на земјиште во сопственост на ЕЛЕМ во општина Новаци. Покрај концентрирачката соларна електрана, во подрачјето е предвидено да се подигне нов 400 киловолтен далновод кој ќе се приклучи на постојната подстаница. Засега не се објавуваат подетални информации во врска со тоа колкава би била финансиската конструкција, од кои извори би се обезбедиле потребните средства, како и во кој период би требало да се започне со реализација на овој проект.