Претходна статија
Реконструкција на 14 средни училишта во Скопје
Следна статија
Нови бензински станици на „Макпетрол“

Намален бројот на предвидени станови во текот на мај

Објавено на 05.07.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Државниот завод за статистика констатира значително намалување на бројот на предвидени станови за градба, како и на предвидената вредност на објектите. Падот во изградбата на станови од физички лица и од деловни субјекти изнесува дури 31,9% во текот на мај 2012 година, а статистичките податоци покажуваат дека минатогодишните 729 предвидени станови со корисна површина од 58.600 метри квадратни се намалени на 504 станбени единици со површина од 43.073 метри квадратни. Од целосната бројка на станови, 343 ќе ги градат физички лица, додека компаниите планираат да подигнат 161 стан. Најмногу живеалишта се градат во Скопскиот (214), Источниот (115) и Полошкиот регион (75), додека кога станува збор за локалните самоуправи податоците покажуваат дека предничат Карпош (133), Штип (78) и Куманово (27). Градежните компании и граѓаните најмногу се заинтересирани за изградба на двособни (184) и трисобни (142) станови.

 

Дополнителен показател за потешкотиите со кои се соочува градежниот сектор е забележаниот пад од 48,4% на предвидената вредност на објектите во градба, која во мај 2012 година изнесува 2.293.633.000 денари. Во споредба со истиот период лани, убедливо најголемо намалување на вредноста на градбите од 62,5% е забележано во секторот високоградба. Според статистичките информации, во петтиот месец од оваа година се издадени 245 одобренија за градење што е за 6,1% повеќе во однос на мај 2011 година. Од вкупниот број градежни дозволи, 179 (73,1%) се наменети за објекти од високоградба, 28 (11,4%) за објекти од нискоградба и 38 (15,5%) за реконструкција на објекти.