Претходна статија
Кружен тек и во Бутел
Следна статија
Минатата година се регистрирани 1.412 дивоградби, процесот на легализација бавно напредува

Во 2011 година се граделе помалку и помали станови

Објавено на 22.06.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Според информациите од Државниот завод за статистика, забележан е пад во изведувањето на станбени објекти од страна на градежните компании во текот на минатата година, а истовремено просечната квадратура на станбените единици се намалила во однос на 2010 година. Деловните субјекти кои се занимаваат со градежна дејност во текот на 2011 година изградиле 835 станови со вкупна површина од 52.019 метри квадратни и просечна корисна површина од 62,3 метри квадрати, наспроти 2010 година кога статистичарите пресметале дека се завршени 871 стан со површина од 55.944 метри квадратни, при што нивната просечна големина изнесувала 64,2 метри квадратни.

 

 

 

 

Во согласност со информациите од статистичкиот извештај, најмногу станови се подигнале во општина Струмица (178), општина Охрид (165) и општина Штип (104), додека кај скопските општини предничи Аеродром со 97 комплетирани живеалишта. Кога станува збор за подигањето домови во индивидуална режија, во 2011 година се завршени вкупно 4.419 станови со вкупна големина од 407.042 метри квадратни и просечна површина од 92,1 метри квадратни. Граѓаните најмногу индивидуални домови изградиле во Скопскиот, Полошкиот и Југозападниот регион.

 

Намалување на градежната активност не е забележана само кај изградбата на станови. Деловните субјекти во минатата година извеле 1.441, наспроти 1.497 објекти во текот на 2010 година. Поголем пад е констатиран кај бројката на изведени објекти во индивидуална режија, од 4.526 на 4.030 објекти. Сепак, вредноста на извршените градежни работи пораснала од утврдените 12.750.651.000 на 14.998.411.000 денари во рамки на претходните 12 месеци. Во 2011 година најмногу се градело во Скопскиот регион, потоа следуваат Пелагонискиот и Југозападниот регион. Кога станува збор за поделбата по сектори, во Македонија градежната оператива најмногу е сконцентрирана на изведување работи во областа на високоградба. Податоците покажуваат дека вредноста на извршените активности во овој сектор изнесува 5.998.829.000 денари. Нискоградбата незначително заостанува со комплетирани зафати во вредност од 5.841.982.000 денари.