Локалните власти од Карпош денеска објавија оглас за избор на најповолен понудувач за градежните работи на планираниот нов административен објект на општината, кој ќе биде лоциран на местото на старите општински бараки во населбата Карпош 3. Постапката за склучување на договор за избор на компанија што ќе го гради објектот ќе биде со скратени рокови, така што понудите на заинтересираните субјекти ќе треба да се достават најдоцна до 4 јули, при што на истиот датум ќе се знае и победникот. Новата општинска зграда ќе се гради по проект изработен од архитектонските студија „СКАрС“ и „Архитектри“, кои победија на конкурсот за избор на идејно решение за објектот спроведен пред две години.
Општинската зграда ќе се простира на околу 7.500 метри квадратни и ќе има две подземни нивоа, приземје, три ката и потпокрив. Покрај службениците од општина Карпош, во објектот ќе се смести и матичната служба, додека главниот влез е предвиден за простор кој ќе се користи како собиралиште од јавен карактер. Неодамна, локалната самоуправа на јавна лицитација ја продаде зградата во Нерези, која привремено служеше како седиште на општината, откако дел од локацијата каде што се наоѓаа општинските бараки во Карпош 3 беше денационализирана. Објектот го купи приватното средно училиште „QSI“ за сума од нешто над 169 милиони денари, односно околу 2,8 милиони евра. Дел од добиените финансиски средства е предвидено да се употребат за новата зграда, а главнината ќе се насочи кон реновирање на неколку градинки и училишта на територијата на општината.
» Форумска дискусија за овој проект