Претходна статија
ФОТО ВЕСТ: Се расчистува теренот за доградба на старата железничка станица
Следна статија
Трет тендер за планираниот аква парк во СЦ „Борис Трајковски“, овој пат со донесени измени во ДУП-от

Бројот на предвидени станови за градење расте, трошоците за градежни материјали паѓаат

Објавено на 05.06.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Ќе соберат ли храброст македонските градежни компании и агенциите за недвижности да ја намалат цената на метар квадратен станбена површина во Македонија? По продолжувањето на рокот за субвенционирање на станбените кредити преку проектот „Купи куќа, купи стан“, со цел да се зголеми бројот на граѓаните што би можеле да ја искористат поволноста за да купат сопствено живеалиште, Државниот завод за статистика денеска ги објави податоците за бројот на станови што започнале да се градат во текот на април 2012 година. Според извештајот, предвидено е подигање на 442 станови со вкупна корисна површина од 37.584 метри квадратни што претставува зголемување од 20,4% во споредба со истиот месец од минатата година. Од вкупната бројка на станбени единици, 345 ќе ги градат физички лица, додека 97 ќе се подигаат од страна на деловни субјекти. Трендот на пораст на вкупната бројка на започнати нови живеалишта трае веќе неколку месеци по ред, а само во текот на март 2012 година е констатирано зголемување од 34% во споредба со идентичниот период од 2011 година.

 

 

 

 

Зголемувањето на обемот на изградба на станбени згради доаѓа во идентичен период кога е забележано намалување на трошоците во градежништвото за изградба на нови објекти за индивидуално домување. Во првото тримесечје од 2012 година, во споредба со последниот квартал од 2011 година, вкупните издатоци на градежните компании се намалиле за 1,9%, трошоците за материјали се пониски за 1,7%, додека трошоците за вработените кои ги изведуваат објектите за индивидуално домување се пониски за 2,5%. Од друга страна, се забележува пораст на трошоците при градба од 1,8% доколку се направи споредба со првиот квартал од 2011 година, при што финансиските средства што се одвојувале за вработените се повисоки за 2,6% додека оние за градежните материјали се повисоки за 1,5%.

 

Ако на овие два важни индикатора кои ја определуваат вредноста на станбената квадратура се додаде и одлуката на Министерството за финансии да се продолжи рокот за аплицирање за владиниот проект „Купи куќа, купи стан“ до 31 октомври, проект кој како цел има и намалување на цената на становите во Македонија, тогаш неодминлива е констатацијата дека градежните компании и агенциите за недвижности треба да понудат намалување, а не да лобираат за зголемување на цената на станбените единици што во моментов се нудат на домашниот пазар. Информациите кои доаѓаат од статистика покажуваат дека најмногу станови и понатаму се градат во Скопскиот (197), Полошкиот (123) и Југозападниот регион (48). Во однос на локални самоуправи, најмногу станови во април 2012 година започнале да се градат во Општина Тетово (87), Општина Аеродром (73) и Општина Ѓорче Петров (42).

 

Кога станува збор за одобренијата за градење, во четвртиот месец од 2012 година се издадени 200 градежни дозволи што е за 9,1% помалку во однос на истиот месец од претходната година. Зацртаната вредност на објектите изнесува 2.243.656.000 денари што е за 60,1% повеќе во однос на истиот месец лани. Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 153 (76,5%) се наменети за објекти од високоградба, 17 (8,5%) за објекти од нискоградба и 30 (15%) за објекти за реконструкција. Намалување на бројот на одобрени градежни дозволи е забележан во сите сектори, додека најголем пораст од 275,1% на вредноста на предвидените објекти за градење е констатиран во секторот нискоградба.