Сношти во Музејот на град Скопје беше отворено 16-тото Биенале на македонската архитектура (БИМАС). „Биеналето го означува растењето на македонската архитектура која во најновата историја започна од ништо и до денес достигна високи дострели какви што сепак, немало во минатите векови“ рече во своето обраќање претседателката на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Даница Павловска Циги. На централната изложба во Музејот на град Скопје се презентирани вкупно 136 трудови во вообичаените категори: урбанистички планови и проекти, конкурсни трудови, архитектонски проекти, архитектонски реализации, проекти од областа на ентериер и дизајн, како и реализации од областа на ентериер и дизајн. Традиционално во рамките на БИМАС ќе се одржи и Биеналето на студентите по архитектура (БИСТА), чие отворање е вечерва во 20:20 часот во галеријата „Остен“.
Во програмата на БИМАС оваа година е вклучен и Францускиот институт во Скопје. Под наслов „Франција во фокусот“ ќе гостуваат и предавања ќе одржат реномирани имиња од областа на архитектурата (Оливие Броше, Мишел Лару – Шарли и Дидие Лаперони), а ќе се одржи и изложбата „На друго место, француската архитектура во светот“, составена од десет архитектонски проекти, претставени на изборот за наградата „Афекс“ во 2010-тата година.