Во просториите на Министерството за економија, министерот Фатмир Бесими денес потпиша договори за доделување концесии за изградба на 5 мали хидроелектрани. Нови концесионери се Феро инвест, конзорциумот ЏСП Актуел и Хидроват, и конзорциумот Флексповер, Ингмарк, и г-дин Ристо Николовски. Хидроелектраните ќе се градат на водотеците на Песочанка, Тресонечка, Слатинска и Коселска река, а инвестицијата се проценува на над 6 милиони евра и треба да се реализира во наредните 3 години. Годишното производство на електрична енергија се очекува да изнесува 13,37 GWh.
Министерството за економија досега потпиша договори за 28 локации со 5 концесионери, а се подготвува тендерската документација за четвртиот меѓународен јавен оглас за изградба на околу 36 мали хидроелектрани со вкупен инсталиран капацитет од 20 MW и годишно производство од 87 GWh. Министерството планира вакви огласи да се објавуваат на секои 6 месеци и да опфаќаат по околу 30 локации. Плановите се во наредниот период да се изградат вкупно 400 мали хидроелектрани, со вкупна инсталирана моќност од 250 MW и очекувано годишно производство од 1.200 GWh.