Претходна статија
Камфуд купи нов имот кај „стара железничка“
Следна статија
Архитектонскиот факултет е домаќин на манифестацијата „Градба со сламени бали“

ТЕМА: Купуваме двособни, сонуваме за петособни станови

Објавено на 14.05.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Македонските граѓани најмногу ги купуваат двособните и трособните станови при изборот на сопствено живеалиште. Податоците на Државниот завод за статистика, Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор (АДСДП), консалтинг компанијата за недвижности „Фортон“ и на македонските градежни компании покажуваат дека најголема продажба постигнуваат становите со мала и средна површина, кои им носат и најголема вкупна заработувачка на фирмите што се занимаваат со оваа дејност. Речиси идентични се информациите до кои дојде интернет – порталот „Билд“ од различни извори во однос на големината на становите што се градат во текот на изминативе неколку години во земјава.

 

Последната анализа на „Фортон“ покажува дека просечната површина на завршените станови во Скопје за 2011 година изнесувала 64 метри квадратни. Низ годините се јавува тренд на намалување на големината на изградените единици, што може да се согледа од споредбата на податоците со 2002 година, кои покажуваат дека просечната површина на тогаш завршените станови изнесувала 69 метри квадратни. Идентични информации за изминатиот период нудат и од Државниот завод за статистика. Нивните информации велат дека големината на комплетираните станови од градежните компании во 2010 година била 64,2 метри квадратни.

 

Генералниот директор на АДСДП, Цветко Грозданов вели дека македонците најмногу се интересираат за еднособните и двособните станови со површина од 40 до 60 метри квадратни. „Меѓутоа во последниот период дел од граѓаните кои формираат семејство, бараат поголеми станови со површина од 80 до 90 метри квадратни, со укажување дека кога децата ќе пораснат, нормално станот би го отстапиле за нив, а тие повторно би се вратиле да живеат во стан од 40 метри квадратни“, напоменува директорот Грозданов.

 

#Градежните компании кои подолг период се занимаваат со подигање на станбени згради велат дека ги познаваат барањата на граѓаните и работат според побарувачката од нивна страна. „Поаѓајќи од досегашното искуство во 10 годишната работа на Адора инженеринг во сферата на високата градба, во практиката македонските граѓани најмногу бараат да купат стан со квадратура од 40 до 50 метри квадратни. За овие станови со помала и средна големина, постои најголем интерес од страна на купувачите и просечните македонски граѓани, веројатно поради нивната куповна моќ, економски стандард и желбата да станат сопственици на свој дом, а притоа да не се преоптоварат со неговото плаќање, без разлика дали е тоа во готово или со кредитно задолжување“, објаснуваат за „Билд“ од фирмата „Адора инженеринг“.

 

#Според пазарната логика, она што најмногу се продава, тоа и најмногу се гради од оперативата. Во публикацијата „Македонија низ бројки 2011“ статистичарите ги објавуваат податоците за изградените станови во 2000, 2005 и 2010 година. Во анализираните периоди најмногу се изведувале трособни станови, при што нивното учество во вкупно подигнатите единици по години се движи од 31,5% во 2010, 28,8% во 2005 и 36,5% во 2000 година, а следни по атрактивност за изградба се оние што се сочинети од две соби, со удел од 27,4% во текот на 2010, 37,3% во 2005 и 28,1% во анализираната 2000 година. Од друга страна, информациите покажуваат дека за гарсоњерите се јавува најмал интерес при подигнувањето на згради за живеење.

 

Бројките на официјалните државни органи ги потврдуваат и претпријатијата кои инвестираат во изградба на овој вид недвижности. „Градежната компанија Адора инженеринг од Скопје гради станови со различна квадратура, како што се помалите од 30 и 40 метри квадратни, оние со средна големина од 60, 70 и 80 метри квадратни, до најголемите, со 180 метри квадратни станбен простор. Поаѓајќи од потребите на идните станари, во нашите објекти доминираат становите со квадратура од 40-тина и 50-тина метри квадратни, кои се и најбарани од купувачите“, напоменуваат од оваа фирма.

 

Плановите и прогнозите околу просечната квадратура што ќе се гради во периодот што претстои се речиси идентични на сегашната состојба кај пазарот на недвижности, така што предност при изградбата и понатаму ќе им се дава на станбените единици со мала и средна големина. „Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката во претстојниот период ќе продолжи со изградба на станови со површина од 45 до 70 метри квадратни, станува збор за еднособни, двособни и трособни станови токму поради фактот што интересот за овој тип станови е најголем, особено кај младите брачни парови“, истакнува директорот на АДСДП Цветко Грозданов. Градежниците нагласуваат дека цената, квалитетот на градбата и навремената изградба на становите се главните критериуми за постигнување успех при водењето на бизнисот. Компаниите и во иднина ќе го следат интересот на македонскиот пазар, врз чија основа ќе ја определуваат површината на овој вид недвижности. А токму граѓаните, во согласност со народната поговорка „гладна кокошка просо сонува“, најверојатно дека и во иднина ќе купуваат двособни, а ќе мечтаат за петособни станови.