Според податоците на Државниот завод за статистика, од страна на градежни компании и поединци во текот на февруари била предвидена изградба на 442 станови со вкупна корисна површина од 38.194 метри квадратни. Во споредба со истиот месец од претходната година, забележан е раст од 17,6% во однос на бројот на становите што допрва ќе се градат и зголемување од 27,2% во однос на нивната корисна површина. Скопскиот регион и понатаму го држи приматот во однос на изградбата на станбени згради, па така 206 од предвидените живеалишта е зацртано да се изградат во овој регион. Општина Куманово со 100, Општина Аеродром со 70 и Општина Карпош со 62 зацртани станови за подигање во текот на февруари се лидери на ниво на цела држава, кога станува збор за овој сегмент од градежништвото. Како по обичај, оперативата и понатаму најмногу изведува двособни и трособни станови, така што тие заедно учествуваат со повеќе од половина од вкупниот број.
Статистичарите пресметале дека бројот на издадени одобренија за градење изнесува 174 во текот на вториот месец од 2012 година, што претставува зголемување од 0,6% во споредба со истиот месец од претходната година. Од вкупниот број градежни дозволи, 131 (75,3%) се наменети за објекти од високоградба, 17 (9,8%) за објекти од нискоградба и 26 (14,9%) за објекти за реконструкција. Предвидената вредност на градежните работи изнесува 1.668.766.000 денари, поточно има зголемување од 17,2% во споредба со февруари 2011 година. Најголем пораст е забележан во секторот високоградба од дури 39,6%, при што вредноста на планираните објекти изнесува 1.347.929 илјади денари.