Претходна статија
Ќе се реконструираат далноводи, ќе се гради приклучок за ХЕ „Св. Петка“
Следна статија
Отворен првиот „Бриколаж“ во Македонија

Бугарската фирма „Кибилд“ ќе го уредува коритото на штипска Отиња

Објавено на 28.03.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Паркинг платформи на река Отиња, ШтипСветска банка го потврди предлогот на Општина Штип за избор на бугарската фирма „Кибилд“ како најповолен понудувач за изведба на проектот „Реконструкција и санација на речното корито и изградба на платформи над реката Отиња“. Вредноста на склучениот договор изнесува 98.365.910 денари или околу 1,6 милиони евра, а градежните работи е зацртано да завршат во период од 18 месеци. Локалните власти од Штип сеуште не соопштуваат кога ќе започне уредувањето на коритото на реката „Отиња“. На објавениот тендер се јавија четири компании, при што „Бетон Штип“ понуди најниска цена од 92.932.199 денари, но не го задоволи критериумот за искуство во изведбата на мостови во последните три години. Понуди доставија и домашната „Синтек“ (101.241.339 денари), како и уште една бугарска фирма – „Трејс Груп“ (162.460.900 денари)

 

Зафатот предвидува изградба на пет паркинг платформи над реката Отиња, обновување на постоечките мостови, уредување на коритото на реката и изградба на пешачки патеки во централното градско подрачје на Штип. Финансиските средства се обезбедени со кредит од Светска банка во висина од 2 милиони евра и со рок на отплата од 10 години и 3 години грејс период, а целокупниот проект ја опфаќа и реконструкцијата на штипскиот плоштад „Слобода“. Во меѓувреме, забрзано се работи на обновата и на самиот плоштад [»мапа]. Во тек е бетонирање и поставување на новите гранитни плочки, а споменикот на „Александар Велики“ е поместен и поставен на нов постамент. Според информациите од интернет – страницата на Општина Штип,  градежните работи треба да завршат до крајот на април оваа година.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект