Македонскиот електропреносен систем оператор (МЕПСО) склучи договор со групата понудувачи „Елнос БЛ“ од Скопје за реконструкција на постојните 110 киловолтни далноводи: трафостаница Скопје 3 – ХЕ „Козјак“ и трафостаница Скопје 1 – трафостаница Куманово 1, како и за изведба на електромонтажни работи на нови два 110 киловолтни приклучока за хидроелектраната „Св. Петка“. Вкупната вредност на склучениот договор изнесува 201.296.052 денари или околу 3,3 милиони евра со вклучен ДДВ, а најповолниот понудувач ќе треба да ги комплетира изведбените работи во период од 18 месеци, поточно до 26 септември 2013 година.
Инвестициите во инфраструктурата од страна на МЕПСО се дел од „Студијата за развој на преносната мрежа од 2010 до 2020 година“, во која се утврдени 18 проекти со вкупна вредност од 82,5 милиони евра. Од голема важност е изведбата на приклучоците на ХЕ „Св. Петка“, која во моментов е во завршна фаза од изградбата на браната, со што ќе се овозможи истата да профункционира и да започне производството и преносот на електрична енергија. Според последните информации објавени во медиумите, хидроелектраната со инсталирана моќност од 36 мегавати се очекува да биде завршена до мај 2012 година.