Претходна статија
Интензивно се работи на комплетно завршување на Националната арена „Филип II Македонски“
Следна статија
Над 11 хектари земјиште се продаваат за изградба на објекти во Ќојлија

Во мај проект, а летово и тендер за менување на ликот на владината зграда

Објавено на 22.03.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Промената на надворешниот изглед на објектот на Владата на Република Македонија влегува во следна фаза. На интернет – страницата на Бирото за јавни набавки денеска беше објавен договорот за изработка на Основен проект за реконструкција на фасадата. Скопското друштво за производство, трговија, инженеринг и градежништво „Архитектоника“ има рок до почетокот на мај да го изработи проектот за избраниот неокласицистички изглед на објектот, кој претставува идејно решение на архитектите Жарко Чаушевски (автор и на новиот објект за „ЈП Водовод и Канализација“) и Филип Богатинов (чие решение беше избрано за уредување на пешачката улица Тоше Проевски во Ново Лисиче). Договорот е склучен на 5 март и е со времетраење од 2 месеци, а за извршената услуга ќе се потрошат 4.305.000 денари. „Архитектоника“ е единствениот понудувач кој се јавил на постапката со преговарање без претходно објавување на оглас. За летово е најавен и тендер за изведувач на градежните работи.

 

На донесувањето на одлуката за реконструкција на фасадата на објектот на македонската влада и претходеше интернет анкета, на која победи неокласицистичкото архитектонско решение, кое преовладува и на мнозинството од зданијата кои се градат во рамките на проектот „Скопје 2014“. Авторот на владината зграда, Петар Муличковски во неколку наврати реагираше на потегот и побара да му се почитуваат интелектуалните права поврзани со неговиот труд, а на оваа тема се одржа и дебата организирана од неколку невладини организации, на која стручната јавност побара да се зачува оригиналната физиономија на објектот.

 

» Форумска дискусија за овој проект