Во Министерството за економија денес се потпишаа 21 нови договори за изградба на мали хидроелектрани со вкупен инсталиран капацитет од 23 MW и очекувано годишно производство на електрична енергија од 87 GWh. Ако се реализираат сите договори, тогаш вкупната инвестиција што би се вложила во наредните 3 години во овие енергетски објекти би изнесувала 40 милиони евра. Согласно договорот, приватните инвеститори е планирано да градат на реките Бистрица, Пена, Брза Вода, Крива Река, Одранска, Беловишка, Бачишка и Јабланица.
За пет од понудените локации договори потпиша италијанската компанија БНБ Енерџи од Скопје, за четири Сол Хидропауер од Скопје, чиј основач е Сол Спа од Италија, за три Супер Ноува Енерџи од Тетово, за по две Норд Енерџи Груп од Тетово и Енергомонт – МЗТ – Херц од Битола, а по еден договор потпишаа МХЕ Јабланица од Скопје, ХЕЦ 277 од Скопје, Енерџи лукс од Штип, ЕЛ ТЕ Инженеринг од Скопје и ЦММ Енерџи Компани од Гостивар со основач ЏММ Ричи од Италија. Согласно Студијата за хидроенергетскиот потенцијал на мали ХЕ од 1980 година, предвидена е изградба на вакви енергетски објекти на 400 локации низ земјава со вкупна инсталирана моќност од 255 MW и очекувано годишно производство од 670 GWh. Заклучно со денес, вкупната бројка на потпишани договори за концесија за вода за производство на електрична енергија од мали хидроелектрани изнесува 68.
Сепак, постои енормна разлика во бројките помеѓу она што е парафирано и она што е изградено од субјектите заинтересирани за производство на електрична енергија преку искористување на водниот потенцијал. Согласно со последните податоци на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), во моментов функционираат 8 мали хидроелектрани, за кои е издадена одлука и лиценца за производство на електрична енергија по повластена тарифа. За дополнителни 8 енергетски објекти од овој тип е доставено барање до РКЕ за издавање решение за стекнување на статус на повластен производител во првите месеци од 2012 година. Вкупно инсталираната моќност на веќе изградените мали хидроелектрани изнесува 10.001 kW.
Министерството за економија нема ингеренции за дел од веќе постоечките мали хидроелектрани, поради тоа што истите се изградени на системите за водоснабдување и системите за наводнување, кои не влегуваат во сумата на потпишани договори за концесионирање на водите. Официјално објавените податоци од Агенцијата за енергетика и Регулаторната комисија за енергетика од една страна и Министерството за економија од друга страна покажуваат огромна разлика помеѓу ветеното и реализираното од домашните и странските компании во овој сектор.
Министерот за економија Ваљон Сарачини на денешната прес конференција напомена дека од 2007 година до денес се потпишани договори за концесија со кои би требало да се подигнат мали хидроелектрани со вкупно инсталиран капацитет од 57,7 MW и предвидена инвестиција од 100 милиони евра, официјални информации кои не соодветствуваат со реалната слика на завршени енергетски објекти од страна на инвеститорите. Според министерот Сарачини, во функција се ставени 5 мали хидроелектрани за кои е ставен потпис во 2009 и 2010 година, а останатите се во процедура и притоа наведе дека приватните субјекти се соочуваат со одредени административни проблеми.