После неколкумесечно одолговлекување, Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје конечно потпиша договор за јавно приватно партнерство со грчката компанија „Ремеди Адвертајзинг“ за уредување на дотраените автобуски стојалишта на подрачјето на градот. Приватниот инвеститор е должен во рок од 8 месеци да уреди 275 автобуски постојки и да постави 80 електронски информациски дисплеи. Постојките ќе бидат унифицирани во антрацит сива боја. Компанијата ќе треба редовно да ги одржува и да плаќа годишен надомест од 20.400 евра, а за возврат ќе ги добива финансиските средства од поставувањето реклами на планираните паноа во временски период од 15 години.
Низ главниот град е предвидено да профункционираат три вида автобуски стојалишта. Според договореното, 65 постојки се од типот А, кои предвидуваат поставување настрешница, клупа, корпа за отпадоци, рекламно пано, урбани светилки, информативни табли и табла со броеви на автобуси кои стојат на станицата. Од типот А1 ќе се постават 117 автобуски стојалишта со настрешница, корпа за отпадоци, рекламно пано, урбани светилки, информативни табли и табла со броеви на автобуси. Со договорот е зацртано да се постават и 93 автобуски постојки од типот А „двојна“, кои ќе се добијат со спојување на две стојалишта од типот А.
Ова е втор обид да се најде партнер за уредување на автобуските постојки во главниот град. Првиот тендер на кој учествуваа три домашни и една грчка фирма беше поништен поради правни недоследности. „Ремеди Адвертајзинг“ во конкуренција со една турска фирма беше избрана за најповолен понудувач на актуелниот тендер уште во септември минатата година. Тогаш беше најавено дека активностите на терен ќе започнат во рок од неколку недели.