Десеткатниот административен објект спроти хотелот „Бристол“ [»мапа] ќе се гради согласно победничкото идејно решение на архитектите Никола Стакинов, Лазар Димов и Живка Христова. На распишаниот конкурс од Службата за општи и заеднички работи на Владата на Р.М. се пријавија седум проекти, а првонаградениот труд, според веста пренесена од интернет порталот „Плусинфо“, предвидува новата зграда да биде во неокласицистички стил, иако во објавата на конкурсот како критериум беше нагласено дека е потребна „примена на современ архитектонски израз со употреба на современи материјали“ и „архитектура во склад со постоечките и објектите во градба во непосредното опкружување“. Тројцата архитекти ќе ја поделат откупната награда во износ од 450.000 денари.
Васе Доневски, директор на Службата за општи и заеднички работи во изјавата за „Плусинфо“ најави дека компанијата „Неимар инженеринг“ би требало да го изработи главниот проект во рок од 1 месец, а во текот на јуни или јули, зградата би требало да почне да се гради. Во зацртаниот административен објект ќе се сместат Централниот регистар, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија, Регулаторната комисија за енергетика, М-НАВ, АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката и Фондот за осигурување на депозити. Овие седум јавни институции ќе ја финансираат изградбата на планираната зграда.
Со изгласаните измени во ДУП-от од страна на општина Центар, кои предизвикаа жестока дебата помеѓу советниците во локалната самоуправа, стручната архитектонска фела и граѓаните од околните згради, во паркот спроти хотелот „Бристол“ е предвидена изградба на две десеткатници во кои ќе бидат сместени ЕЛЕМ и споменатите установи, како и една катна гаража. За зградата на ЕЛЕМ веќе е познато дека ќе биде во класицистички стил, бидејќи истиот беше нагласен како критериум во објавениот конкурс.