Претходна статија
Над 11 хектари земјиште се продаваат за изградба на објекти во Ќојлија
Следна статија
Странски оператори притискаат за либерализација на железничкиот транспорт

Повластените тарифи за производство на електрична енергија сеуште стојат неискористени

Објавено на 25.03.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Приватниот сектор не е заинтересиран за вложување финансиски средства во обновливите извори на енергија. Во текот на 2011 година се јави огромен застој во изградбата на овој вид енергетски објекти, а ситуацијата се помрдна од мртва точка во првите месеци од 2012 година, барем ако се земат како индикатор поднесените барања за лиценци за производство на електрична енергија од мали хидроелектрани и соларни електрани од инвеститорите. Особено загрижувачка е пополнетоста на квотите во делот на аутпутот на електрична енергија преку искористување на сончевата светлина.

 

 

 

Според податоците на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), вкупно неискористената моќност за која може да се применат повластени тарифи, утврдени со одлука на македонската влада, изнесува 1.630 kW од првично определените 2.000 kW, а заклучно со 23 март единствено девет компании поднеле барање за стекнување статус на повластен производител или пак добиле одлука и лиценца за вршење на оваа дејност во сегментот изградба на соларни електрани со инсталирана моќност од помала од 50 kW. Во оваа бројка влегуваат и поднесените три нови барања за издавање привремено решение за стекнување на статус повластен производител на електрична енергија во текот на февруари годинава.

 

Во делот на фотонапонските електрани со инсталирана моќност од 50 kW до 1 MW, во Македонија постојат само два енергетски објекта од овој тип, и тоа на компанијата „Мавис“ од Штип и на „Мега солар“ од Скопје. Свеченото пуштање во употреба на најголемата соларна електрана изградена досега во Македонија во општина Новаци беше еден од ретките позитивни моменти во текот на целата 2011 година. Поголемо придвижување се очекува во текот на претстојната 2012 година, а само во февруари се пристигнати шест барања од инвеститори кои се решиле да вложат во изградба на фотонапонски електрани со моќност поголема од 50 kW.

 

„АБ Солар“, „Енсол“ и „Торпедо Мобил“ од Битола, „Текома“ од Штип и „Солартек“ од Скопје се субјектите кои ќе треба да го раздвижат речиси умртвеното производство на електрична енергија од сонцето, а за кои РКЕ веќе донесе заклучок дека имаат поднесено уредни документи за да добијат привремено решение за стекнување статус повластен производител. Со влегувањето на овие субјекти на пазарот, вкупно неискористената моќност за која може да се применат повластени тарифи изнесува 2.016,14 kW.

 

Придвижувања на почетокот од оваа година се забележуваат во искористувањето на водните потенцијали за изградба на мали хидроелектрани, но единствено од два инвеститора кои планираат да изведат неколку енергетски објекти од овој вид низ Македонија. Компанијата „Мали хидро електрани доо“ од Скопје доставила седум барања за стекнување статус на повластен производител на електрична енергија за нивните објекти „Брбушница“, „Крива Река“, „Кркља“, „Селечка Река“, „Каменичка Река“, „Брајчино 1“ и „Кранска Река“.

 

Уште едно барање е доставено од компанијата „Феро инвест“ од Велес за малата хидроелектрана „Слатино“, а вкупната моќност на сите овие енергетски објекти ќе изнесува 6.312 kW. Во искористувањето на водата како обновлив извор на енергија би требало да има позитивни придвижувања во текот на 2012 година. Како клучен показател за тоа е вкупно инсталираната моќност од 3.689 kW на капацитетите кои се пуштени во употреба во текот на изминативе неколку години. Македонските медиуми во континуитет се преплавени од најави на домашни и странски инвеститори за изградба на објекти кои би произведувале електрична енергија од обновливи извори, но голем дел од овие ветувања остануваат на хартија како нереализирани проекти.