Претходна статија
Зголемена вредноста на предвидените објекти за градење во јануари
Следна статија
Целиот строг центар на Скопје ќе добие нови фасади

Отворен Саемот за градежништво и Саемот за недвижности „RealEx“

Објавено на 06.03.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Гвидо Омладиќ, претседателот на Групацијата „ЕРА“ на отворањето на Саемот за градежништво 2012Скопскиот саем по деветти пат е домаќин на Меѓународниот саем за градежништво, градежни материјали и градежна механизација и по втор пат на Саемот за недвижности „RealEx“. Од денес до 10 март на манифестацијата ќе се претстават преку 300 домашни и странски компании. Настанот го прогласи за отворен вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, кој нагласи дека во секторот градежништво во текот на третиот квартал од 2011 година е забележан раст од 11,3% во споредба со истиот период од 2010 година. Пешевски информираше дека во изминативе пет години се продадени државни парцели за изградба на 906 објекти за индивидуално домување, 280 за индустрија, 70 за колективно домување, 56 за комерцијални и деловни објекти, 16 за хотели и 12 за катни гаражи.

 

Првиот ден од саемската манифестација го одбележа одржувањето на конференцијата за недвижности и инвестиции во рамките на „RealEx“ Скопје 2012, на која се обратија десетина домашни и странски претставници од градежниот, банкарскиот, осигурителниот и образовниот сектор. Гзавие Пиншар, менаџер на Фортон МКА не очекува продажните цени на недвижностите радикално да се променат во иднина во однос сегашните просечни цени. Пиншар констатира дека пазарот на недвижности во минатото бил воден од понудата на компаниите, што веќе не е случај, бидејќи купувачите денес имаат поголем избор, а истовремено пазарот е професионализиран со изградба помал број на проекти од поголем обем. Во сопствената презентација тој напомена дека се потценуваат многубројните помали трансакции што се случуваат во скопските општини во кое живее албанско население. Кога станува збор за станбените објекти, Пиншар изјави дека густината на подигнатите станбени единици е најголема во општина Центар, а по неа следуваат општините Карпош и Кисела Вода.

 

Драгана Чифлиганец, директор за маркетинг и инвестиции во Адора Инженеринг на конференцијата напомена дека економската моќ на граѓаните не дозволува самофинансирање при купувањето станови, така што над 60% од нив се купени преку кредит или на рати, со што банките претставуваат важна алка во секторот недвижности. Според направената анализа од страна на Адора Инженеринг, најатрактивни локации во Скопје за изградба на резиденцијални објекти се населбите Ново Лисиче и Аеродром.

 

„RealEx“ КонференцијаСалим Хасани, директор на компанијата Модинг истакна дека со владиниот проект „Купи куќа, купи стан“ им се дава шанса на периферните локации во Скопје кои имаат добра инфраструктура за изградба на станбени објекти. Оваа компанија веќе има купено една ваква парцела помеѓу општините Бутел и Чаир, на која планира да гради затворен комплекс во кој становите ќе може да достигнат цена до 900 евра од метар квадратен. „Сметам дека потребата од квалитетна градба ќе ги натера инвеститорите да се ориентираат кон покомотни локации, кои мора да се наоѓаат во периферијата на градот“, напомена Хасани. Во ваквите комплекси би можело да се изведат паркинзи, шеталишта, базени, СПА центри и други содржини кои го зголемуваат чувството на удобност на купувачите.

 

Арсо Јаневски, комерцијален директор на Настел во своето обраќање истакна дека купувачите се најзаинтересирани за цената на становите, нивната локација, вградените материјали во објектот, но никој не прашува за сигурноста и безбедноста на изградените објекти. Зоран Азманов, претседател на компанијата Настел смета дека со пуштањето на премногу локации за градење од страна на државата може да дојде до хиперпонуда на станбени објекти на пазарот, која може да предизвика драстично намалување на цените на становите со што би се намалила нивната побарувачка од граѓаните. „Владата треба да биде многу внимателна колку локации пушта годишно на продажба“, изјави Азманов.

 

На денешната конференција во рамките на Саемот за недвижности „RealEx“ со сопствени излагања се претставија раководителите на ТТК, Шпаркасе и Стопанска банка, а како претставник на осигурителниот сектор говореше Среќко Петроски, директор за продажба и маркетинг во Албсиг Осигурување. Како специјален гостин на овогодинешната саемска манифестација, на конференцијата со свој говор се обрати главниот советник на саудискиот принц Мохамед Бен Наиф, воедно и министер во владата на Кралството Саудиска Арабија, кој напомена дека во Македонија постои голем простор за инвестиции во секторот недвижости, а како единствен проблем ја наведе инфраструктурата на земјата.

 

Ванчо Ѓорѓиев, универзитетски професор од Градежниот факултет ги промовираше новите постдипломски студии по менаџмент со недвижности, кои ќе се реализираат во заедничка соработка на скопскиот универзитет со неколку еминентни европски универзитети. Со сопствени презентации на конференцијата се претставија и Жаклина Рира, маркетинг менаџерка на албанската градежна компанија Едил – АЛ и Ирена Перфанова, претседателка на ФИАБЦИ Бугарија.