Според податоците на Државниот завод за статистика, во јануари 2012 година вредноста на предвидените објекти за градење изнесува 2.412.089.000 денари што е за 14,7% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Причина за ваквото зголемување се издадените градежни дозволи за поголеми зданија во секторот високоградба, кој бележи раст од 35,2% во однос на јануари 2011 година. Во извештајниот период е забележано зголемување на вкупната вредност на градежните работи кај објектите за реконструкција од 9,7%, а намалување е констатирано единствено во секторот нискоградба, кое не се одразува значително во крајната сума на предвидени градежни активности.
Во првиот месец од оваа година се издадени 169 градежни дозволи што е за 1,7% помалку во однос на идентичниот период лани. Од вкупниот број на одобренија за градење, 126 (74,6%) се наменети за објекти од високоградба, 13 (7,7%) за објекти од нискоградба и 30 (17,7%) за објекти за реконструкција. Најголем пад од 18,7% е констатиран кај секторот нискоградба, кој сепак има мало влијание врз целокупните придвижувања кај издадените одобренија од општините.
Значителен пораст е забележан во изградбата на станови во текот на јануари 2012 година. Правните и физичките лица предвиделе подигање на 477 станбени единици со корисна површина од 37.552 метри квадратни, односно зголемување од дури 80% на бројот на планирани станови во споредба со истиот период од минатата година. Скопскиот регион со предвидени 346 станови за изградба предничи во споредба со останатите региони од државата. Аеродром во континуитет е најатрактивна општина за инвеститорите кои вложуваат во изградба на живеалишта, само во јануари 2012 година се издадени градежни дозволи за подигање на 193 станови на неколку локации.