Претходна статија
ИНТЕРВЈУ: Регионалното поврзување и соработка сè поприсутни во индустријата со недвижности
Следна статија
Градот Скопје го претстави изгледот на сплавовите на Вардар

Авиосообраќајот со најсилен раст, железничкиот превоз стагнира

Објавено на 02.03.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Македонскиот воздухопловен и патнички сообраќај граби напред во развитокот, додека железницата како по обичај умртвена чека подобри времиња за нејзиниот прогрес. Воздухопловниот превоз со превезени 195.226 патници и 634.000 тони стока бележи најголем раст кај сите видови транспорт во последното тримесечје од 2011 година од 17%, односно 12% во товарниот превоз во споредба со периодот октомври – декември 2010 година. Според податоците на Државниот завод за статистика, во текот на 2011 година преку македонските аеродроми полетале или слетале вкупно 828.320 патници, што е за 15% повеќе во однос на претходната година кога со авион патувале 719.796 граѓани. Во воздухопловниот товарен сообраќај се транспортирани 2.180.000 тони стока во рамките на изминатата година.

 

 

 

 

Сосема спротивна е состојбата во железничкиот превоз, каде се бележи стагнација кај бројот на превезена стока и намалување на бројот на лицата кои патуваат со воз, особено во меѓународниот сообраќај. Според статистичарите, во четвртиот квартал од 2011 година се превезени 355.000 патници, што е за 8,7% помалку во однос на идентичниот период од 2010 година, а во истиот период се забележува и пад од 1,1% во товарниот транспорт каде се превезени вкупно 2.770.000 тони стока. Во рамките на изминатата година со железница се превезени 1.421.000 граѓани, што е за околу 1,3% помалку во споредба со 2010 година.

 

Стабилен пораст е забележан кај градско – приградскиот превоз, кој следува по купувањето на новите украински и кинески автобуси за ЈСП – Скопје. Во последното тримесечје од 2011 година се транспортирани 19.952.000 патници, што претставува зголемување од 7,9% во однос на истиот период од 2010 година. Во рамките целата 2011 година се превезени 67.072.000 патници, а оваа бројка означува пораст од 4,6% во споредба со претходната година. Статистичките податоци регистрираат значително зголемување и кај патничкиот превоз, кој бележи континуиран напредок од година во година. Со автобус во текот на 2011 година во внатрешниот и меѓународниот сообраќај патувале вкупно 15.644.000 патници, односно 16,1% повеќе во споредба со 2010 година кога се превезени 13.474.000 патници.