Претходна статија
Турскиот холдинг „Лимак“ купи огромна парцела во центарот на Скопје и се обврза да изгради дел од Јужниот булевар
Следна статија
Подземната сообраќајница во центарот на Скопје предизвика дебата на Градежниот факултет

Продолжен рокот за „Купи куќа, купи стан“

Објавено на 22.02.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Владата одлучи да го продолжи рокот за поднесување апликации за проектот „Купи куќа, купи стан“ за три месеци, односно до 31 мај годинава. Минатата недела на средба со министерот за финансии Зоран Ставрески ваков чекор предложија и градежните компании, при што како причини беа наведени зголемениот број апликации пред истекот на рокот, постоењето на нејасностии околу проектот, но и неповолните временски услови.

 

Покрај продолжувањето на рокот, новина е што барањата за субвенциониран кредит ќе се одобруваат на месечна основа, како и тоа дека кај доградбите нема да треба да се врши пренос на сопственост од родител на дете, туку барање ќе може да се поднесе и само со договор кај нотар за пренос на правото на градење од родител на дете.

 

Во првиот циклус на проектот, кој ќе трае до крајот на мај, на четири наврати ќе се одобруваат барањата доставени до банките. Дали ќе има втор циклус, ќе зависи од тоа дали во првиот циклус ќе бидат искористени средствата предвидени во буџетот. „Ако во овој прв циклус се искористат целосно, тогаш оваа година зависно од состојбите во буџетот, ќе оцениме дали има можност да се одвојат дополнителни средства. Следните години ќе има дополнителни средства со сигурност„ нагласи министерот за финансии, Зоран Ставрески. Според него, се работи за долгорочен проект – „Ќе трае четири години и прерано е да се зборува за тоа колку граѓани во оваа фаза аплицирале. Кога ќе заврши постапката можеби некаде на есен ќе може да информираме целосно“ изјави министерот.

 

НЛБ Тутунска, Стопанска, Охридска, ТТК, Шпаркасе, Алфа, Прокредит и Стопанска – Битола се банките преку кои граѓаните ќе можат да ги доставуваат барањата за кредити. Проектот се состои од два модели на субвенционирање на кредитите. Првиот модел предвидува субвенционирање на половина од месечната рата од станбен кредит за првите 5 години од отплатата на кредитот. Втората солуција овозможува државата да плати 50% од учеството во кредитот за купување стан односно изградба на куќа. Кредитот може предвреме да се исплати без провизија, но во овој случај субвенцијата треба да биде вратена.