Во општина Гевгелија ќе се вложат 28,4 милиони денари за подобрување на енергетската ефикасност на образовните институции и доградба на средното општинско училиште „Јосиф Јосифовски“. Предвидено е финансиските средства да се употребат за остварување на три проекти, при што за изградбата на 14 нови училници во средношколската установа ќе се потрошат најмногу средства, вкупно 22 милиони денари обезбедени од локалниот буџет на општината и од програмата ГЕФ на Светска банка. Во претстојниот период со инвестиција вредна 6,4 милиони денари треба да се замени азбестниот покрив од две детски градинки во Гевгелија, а со предвидените проекти се очекува значително намалување на потрошувачката на енергија од овие образовни институции.
Преку ГЕФ проектот на Светска банка се одобрени 8,2 милиони долари за секторите енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија и јавните институции во Македонија. Од овој фонд досега е финансирана изградбата на една сончева електрана со капацитет од 1 MW, како и на неколку други проекти за искористување на обновливите извори на енергија. Реконструкцијата на образовните установи во Гевгелија е само еден сегмент од проектот „Национална програма за енергетска ефикасност во јавните објекти“, кој се пролонгираше неколку месеци во текот на изминатата година. Бордот на директори на Светска банка уште на 16 декември 2006 година го одобри овој проект на ниво на Македонија и истиот е зацртано да заврши до 30 септември 2012 година.