Претходна статија
Голем интерес за градежните парцели во индустриската зона „Жабени“
Следна статија
ТЕМА: Приватните автобуски компании превезуваат хаос низ главниот град

АДСДП нуди станови од 795 евра за квадрат во Аеродром

Објавено на 10.02.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Акционерското Друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Република Македонија (АДСДП) нуди поволни станови во општина Аеродром по цена од 795 до 850 евра за метар квадратен. Владиниот проект „Купи куќа, купи стан“ е остварлив како во помалите градови и приградските населби, така и во поблиските општини до централното градско подрачје на Скопје. Директорот на АДСДП, Цветко Грозданов, изјави дека во Реонскиот центар Аеродром има за продажба 374 станови по цена од 795 евра за метар квадратен, при што во крајната цена се вклучени клима уред и кујна.

 

Покрај во главниот град, евтини станови можат да се купат и во другите поголеми градови во земјава. Станбеното претпријатие нуди станови по цена од 700 евра за метар квадратен во Охрид, додека во Битола и Струмица вредноста достигнува 550, односно 570 евра за метар квадратен. Министерот за финансии Зоран Ставрески при денешната обиколка на новите згради во Аеродром ја истакна првичната бројка на поднесени барања до банките во рамки на проектот „Купи куќа, купи стан“. „Досега имаат поднесено апликации 500 граѓани и пополнето формулари, но тоа не значи дека сите барања се целосно докомплетирани. Истовремено, банките информираат дека има стотици граѓани што се информираат и ја прибираат потребната документација“, напоменува Ставрески.

 

Македонските граѓани имаат можност до 1 март да поднесат барање до банките за подигнување субвенциониран станбен кредит по поволни услови. Владата нуди две опции за поддршка на граѓаните, првата е преку субвенционирање на половина од месечната рата од станбениот кредит во првите 5 години од отплата на кредитот, додека втората овозможува државата да отплати 50% од учеството во кредитот за купување на стан, изградба или доградба на куќа.