Претходна статија
Сакате да штедите енергија и да ги намалите сметките во Вашиот дом? Од каде да почнете?!
Следна статија
Промовиран монтажниот паркинг во Капиштец

Потпишан договор за ветерниот парк во Богданци

Објавено на 31.01.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) потпиша Договор со конзорциумот „Терна – Сименс“ од Грција за изградба на пристапен пат, поставување на 110 киловолтна трафостаница и на далекувод во должина од 11 километри, што ќе го поврзе идниот ветерен парк кај Богданци со преносниот систем на земјава. Со овој чин започнува реализацијата на ЛОТ 2 од меѓународниот тендер за проектот „Парк на ветерни електрани Богданци“, а зацртано е целокупните активности да се завршат во рок од 13 месеци. Изградбата на првиот македонски ветерен парк се одвива преку тендерска постапка која се состои од два лота, при што првиот предвидува набавка и монтажа на опрема (ветерни турбини).

 

Финансиските средства за имплементирање на целокупниот проект изнесуваат 55 милиони евра, од кои 32,9 милиони се обезбедени со заем од германската развојна банка КфВ (KfW Bankengruppe), а останатата сума е предвидено да ја обезбеди ЕЛЕМ од сопствени извори. Според последните најави на директорот на оваа државна компанија, Влатко Чингоски, енергетскиот објект ќе се состои од 16 ветерни турбини. Со изградбата на ветерниот парк ќе се зголеми уделот на обновливите извори во производството на електрична енергија од ЕЛЕМ за околу 100 гигават часови годишно. Во моментов, Македонија е една од ретките европски земји која на сопствена територија нема изградено ниту еден објект за производство на овој вид обновлива енергија.

 

 

Бојан Блажевски