Претходна статија
Годинава започнува реконструкцијата на пругата долж Коридор 10
Следна статија
Карпош ќе ја субвенционира изградбата на нискоенергетски објекти

ТЕМА: Бериќетна 2011 година за македонските аеродроми (ДОПОЛНЕТО)

Објавено на 24.01.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Од двата македонски аеродроми „Александар Велики“ и „Св. Апостол Павле“ во текот на изминатата 2011 година се превезени вкупно 829.234 патници, што претставува зголемување од 9,7% во споредба со 2010 година, кога се регистрирани 756.088 патници. Ако ги земеме во предвид споредбените податоци од соседните држави, тогаш Македонија веднаш по Србија и Хрватска е на самиот врв меѓу земјите од Балканот во однос на процентот на пораст на патници во авиосообраќајот во текот на 2011 година. Сепак, според вкупниот број на лица кои ги користеле аеродромите во регионот, на скопскиот „Александар Велики“ ќе му треба силен пораст и во наредните години за да се доближи до бројките кои фигурираат во статистичките извештаи на соседните држави.

 

Според интернет страницата на белградскиот аеродром „Никола Тесла“, во изминатата година се превезени 3.124.633 патници, што претставува зголемување од 16% во споредба со 2010 година. Според податоците, овој аеродром има најразвиен авиосообраќај кога станува збор за бившите југословенски републики. Стабилен пораст од 5% во 2011 година бележи загрепскиот аеродром, каде се регистрирани вкупно 2.178.037 патници. Преку аеродромот во Сараево во текот на претходната година се превезени 599.996 патници или 6,5% повеќе во споредба со 2010 година.

 

Зголемување на бројот на патници во 2011 година се забележува кај сите аеродроми од државите во регионот за кои се објавени податоци, а единствено намалување во протокот на патници е забележано кај аеродромот во Тузла. Статистичките показатели за аеродромите во Атина, Солун, Софија, Тирана, Љубљана и Приштина сеуште не се објавени од страна на тамошните власти, но сигурно е дека во споредба со главните градови од регионот единствено аеродромот во Подгорица ќе има помал број на превезени патници од „Александар Велики“.

 

Сепак, изминатата година е бериќетна за македонските аеродроми и турскиот оператор ТАВ. Во последното соопштение на Министерството за транспорт и врски се нагласува дека во декември 2011 година се регистрирани 63.925 патници, што претставува зголемување на воздухопловниот сообраќај од 16,9% во однос на истиот месец од претходната година. Силниот пораст на авиосообраќајот е особено изразен по отворањето на новата терминална зграда на скопскиот аеродром. Само во последните два месеца од 2011 година е забележано  зголемување на бројот на патници на „Александар Велики“ од значителни 19,3% во споредба со истиот период од 2010 година. Позитивните индикатори укажуваат дека во 2012 година треба да очекуваме силен пораст на воздухопловниот транспорт од македонските аеродроми, кои се очекува да бидат на самиот врв во споредба со државите од регионот кога станува збор за пораст на бројот на превезени лица.

 

 

Дополнување:

(26.01.2012)

 

Извор на информациите за бројот на патници на македонските аеродроми наведени во статијата се податоците соопштени од Државниот завод за статистика и Министерството за транспорт и врски. До редакцијата на build.com.mk во текот на денешниот ден од страна на ТАВ беа испратени и бројките со кои располага операторот на аеродромите. Според податоците на ТАВ, од скопскиот и охридскиот аеродром во текот на 2011 година се превезени вкупно 834.273 патници, што претставува зголемување од 15% во споредба со 2010 година, кога се регистрирани 725.472 патници.

 

 

 

Бојан Блажевски