Претходна статија
Два милиони евра за реконструкција на болници
Следна статија
До 2020 година 20% од енергијата во државава ќе се добива од обновливи извори

Владината зграда да ја зачува оригиналната физиономија

Објавено на 22.01.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Да се заштитат авторските права врз делото на архитектот Петар Муличковски преку зачувување на сегашниот надворешен изглед на објектот на македонската влада е заклучокот што преовладуваше на вчерашната дебата на тема „Архитектурата како историја / Историјата како архитектура“, во организација на неколку невладини организации и неформални групи на граѓани. Според професорката Јасмина Силјаноска, законот за авторски права не дозволува менување на било кое дело без притоа да се консултира и да се добие дозвола од авторот или некој од наследниците на интелектуалните права.

 

За претседателката на Асоцијацијата на архитекти, Даница Павловска, објектот на владата е врвно дело на модерната, кое има антологиска и препознатлива вредност и истото моментално е предмет на напад, а не се соопштуваат дури ниту членовите на комисијата која е задолжена за изборот на новата фасада. Архитектката Павловска појасни дека Асоцијацијата на архитекти испратила отворено писмо до владата пред започнувањето на огласот со цел да дојде до одложување на постапката за реконструкција. Таа истакна дека мора да се чуе релевантното мислење на професионалната архитектонска фела, што досега не било случај.

 

На вчерашната јавна расправа неодминлива беше и дискусијата за проектот „Скопје 2014“. Според археологот Василка Димитровска, иако законските рамки предвидуваат, сепак не се извршени никакви археолошки истражувања пред започнувањето со градба на плоштадот „Скендербег“ и сите нови објекти од левата страна на реката Вардар, на потегот од зградата на стариот театар до административното здание на Министерството за надворешни работи. Таа смета дека на овој начин се изгубени драгоцени културни ресурси и архитектонски остатоци вредни за културното наследство на Република Македонија

 

Професорот Георги Константиновски објасни дека по скопскиот земјотрес архитектите биле испратени во западните држави и своите професионални искуства ги добиле од таму, така што во никој случај не станува збор за социјалистичка архитектура кога се говори за објектите изградени во периодот по катастрофалниот земјотрес. Тој истакна дека со новите објекти, особено во централното градско јадро, Скопје изгледа како Дизниленд.

 

Учесниците на дебатата се согласија дека во земјава не е извршена валоризација и категоризација на архитектонските дела во периодот од 1945 до 1990 година, што е предуслов за дел од нив да се класифицираат како културно наследство. Исто така, листите со архитектонските објекти кои се ставени под заштита на државата како културно наследство, не и се достапни на јавноста.