Пуштањето во употреба на регионалниот пат помеѓу Радовиш и Струмица доцни 5 месеци поради незавршените градежните работи на 10 километри долгата делница помеѓу селата Сурдулци и Радичево. Од Агенцијата за државни патишта за „Билд“ објаснуваат дека првичниот рок од септември 2011 година е пробиен поради недоволниот интензитет на работа од страна на хрватската компанија „Ингра“, која како изведувач плаќа пенали поради незавршените работи. „Досега е поставен прв слој на асфалт на 7 километри од делницата, додека на останатите 3 километри на делови е поставен тампон и се изведуваат земјени работи. Инаку според договорот предвидено е проектот да биде завршен во месец март 2012 година“, истакнуваат од агенцијата.
* коцката од патот Радовиш – Струмица треба да биде минато од март 2012 година
Изградбата на регионалниот пат помеѓу Штип и Струмица во должина од околу 65 километри започна уште во далечната 1992 година. Во изминативе 20 години се изградија неколку делници, но целосно истиот не се доврши и беше проследен со низа прекини на работите. Со завршувањето на сегментот од Сурдулци до Радичево, коцката од сегашниот дотраен пат помеѓу Радовиш и Струмица треба конечно да замине во историјата. Владата од државниот буџет за овој проект издвои 424 милиони денари, односно околу 7 милиони евра, а изградбата на делницата започна во 2009 година. На оваа делница е предвидено да се изградат две клучки кај Калуѓерица и Радичево, 6 мостови, 2 потпатници, натпатник, како и канали и објекти за наводнување.
Бојан Блажевски