Министерството за транспорт и врски информира дека е завршена изградбата на две станбени згради во Штип и Битола во рамките на Проектот за домување на социјално ранливите групи. Објектот во Битола има 91 стана, а зградата во Штип е со 78 станбени единици, се наведува во соопштението од министерството. По приклучувањето на системот за напојување со електрична енергија и техничкиот прием, за овие станови ќе биде распишана јавна објава за електронска распределба со цел решавање на станбеното прашање на општествено најзагрозените граѓани.
Во согласност со проектот на владата, предвидена е изградба на 34 објекти со вкупно 1.753 станови во 26 градови на територијата на Република Македонија, а целокупната инвестиција изнесува 50,7 милиони евра. Инвеститор на социјалните станови е А.Д. за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката. Во едно од неодамнешните интервјуа, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески истакна дека е во тек изградбата на 220 станови во Битола, Штип и Берово, а досега се завршени и вселени осум згради со 339 станови во неколку градови од државата.
Бојан Блажевски