За само два последователни дена пристигнаа две посебни најави за имплементирање на енергетска ефикасност во образовните установи во Скопје. Општините Аеродром и Кисела Вода во соработка со странските институции ја покажуваат зголемената свест за заштеда на енергија. Градежните работи за реконструкција на градинката „Калинка“ отпочнаа во текот на денешниот ден, како пилот – проект за создавање на прв целосно енергетски ефикасен објект од овој вид во Република Македонија. Дотраениот покрив и ѕидовите на градинката ќе се заменат, а ќе се постави и нова фасада со термичка изолација. Проектот, во кој учествуваат општина Аеродром и УНДП, предвидува монтирање на соларни колектори на објектот преку кои ќе се обезбедува топла вода, а ќе се менуваат и дотраените врати и прозорци во установата.
Во текот на вчерашниот ден општина Кисела Вода информираше за планираната реконструкција на градинката „Синоличка“, во насока на спроведување мерки за подобрување на енергетската ефикасност. Зафатот предвидува поставување топлотна изолација на надворешните ѕидови и на поекономично осветлување во рамките на целиот објект, замена на надворешните врати и прозорци, како и надградба на регулаторната топлотна трафостаница. Во рамките на целокупниот проект, во кој учествуваат општина Кисела Вода и Светска банка, претходно се реализираа слични градежни зафати во градинките „Пеперутка 1 и 2“ и во основното училиште „Партение Зографски“ во Драчево. Изведувач на работите е фирма „Конструктор Саламандер“ од Скопје, а надзорот го врши „Градежен институт Македонија“.
Бојан Блажевски