Претходна статија
Фабрика во вредност од 20 милиони евра ќе се гради во индустриската зона „Жабени“
Следна статија
Спомен куќата на Тодор Проески е најуспешно архитектонско дело во 2011 година

Потпишани договори со банките, аплицирање за „Купи куќа, купи стан“ од 25 јануари

Објавено на 23.12.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Министерството за финансии денеска потпиша договори со осум банки кои се вклучени во проектот „Купи куќа, купи стан“. НЛБ Тутунска, Охридска, ТТК, Шпаркасе, Алфа, Прокредит, Стопанска – Скопје и Стопанска – Битола се банките кои ќе одобруваат станбени кредити субвенционирани од државата. Од понеделник министерството ќе почне со објави во медиумите со кои ќе се информираат граѓаните за постапката за аплицирање, а доставувањето на апликациите ќе почне од 25 јануари догодина. Првите кредити се најавува да бидат одобрени кон крајот на март или почетокот на април.

 

Вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, очекува можноста да ја искористат 2.000 до 2.500 граѓани. „Проектот е наменет и за градежниците. Со него се очекува да се зголеми интересот на инвеститорите за изградба на нови станбени објекти. Со зголемување на понудата на станови ќе се создадат услови за намалување на цената на становите. Со поттикнувањето на градежништвото воедно ќе дојде до зголемување на вработеноста во овој сектор“ изјави при потпишувањето Ставрески.

 

Преку проектот може да се земе кредит за купување на нов стан или изградба на куќа. Има две варијанти. Со првиот модел Владата неповратно ќе обезбеди половина од месечната рата од станбениот кредит во првите пет години. Со вториот модел државата ќе плати 50 отсто од учеството за кредитот. Каматната стапка е ограничена на 4,99 отсто за првите три години. Условите кои треба да ги исполнат граѓаните кои сакаат да го користат првиот или вториот модел се исти, односно кредитот да не биде поголем од 50.000 евра со рок на отплата од 20 години, да немаат приходи над 900 евра заедно со брачниот другар, а вредноста на станот или куќата да не биде поголема од 900 евра за метар квадратен.