Според податоците на Државниот завод за статистика, во третото тримесечје од 2011 година е забележано намалување на количеството на превезена стока во товарниот патен и железнички сообраќај, но и истовремено зголемување на бројот на превезени патници во патничкиот, градско – приградскиот и воздухопловниот превоз. Во периодот од јули до септември оваа година, количеството на превезена стока во товарниот патен сообраќај е намалено за 33,6%, во товарниот железнички сообраќај за 14,3%, а единствено зголемување од 6,3% е забележано кај товарниот воздухопловен превоз.
Статистичките податоци покажуваат дека бројот на превезени патници во патниот патнички сообраќај изнесува 3.841.000, во железничкиот сообраќај изнесува 352.000, во градско – приградскиот превоз е 13.585.000, додека со авион патувале 298.550 патници. Автобусот и понатаму претставува најкористеното превозно средство за македонските граѓани, па така за 12,1% е зголемен бројот на превезени патници во третото тримесечје од 2011 година во однос на идентичниот период од минатата година, а особено забележителен пораст од 79% бележи меѓународниот патнички превоз.
Македонските аеродроми во континуитет бележат стабилен пораст во превозот на патници и стока. Во летниот период воздухопловниот патнички превоз е зголемен за 17,8% во однос на истиот период лани, но истовремено е забележан и пораст од 51,5% во бројот на патници во третото тримесечје од 2011 година во споредба со периодот април – јуни од истата година. Железничкиот патнички сообраќај во идентичниот период бележи намалување од 7,1% во бројот на патници, а особено изразит е падот во меѓународниот железнички превоз од 50%.
Бојан Блажевски