Три државни парцели во општина Аеродром наменети за изградба на станбени згради, мали комерцијални и деловни објекти добија нови сопственици по пат на електронско јавно наддавање. Почетната цена за парцелите со површина од 1.648, 2.250 и 2.270 метри квадратни изнесуваше 4.600 денари за квадрат.
За градежната парцела со површина од 1.648 метри квадратни имаше девет заинтересирани страни, а највисока беше понудата на „Флорастат“ ДООЕЛ Скопје, која понуди 18.322 денари по метар квадратен или вкупно 30.194.656 денари. Најповолен понудувач за парцелата со површина од 2.270 метри квадратни за која исто така наддаваа девет учесници, беше „Настел“ ДООЕЛ Скопје, со 17.466 денари по метар квадратен или вкупно 39.647.820 денари. Највисока понуда за парцелата со површина од 2.250 метри квадратни за која имаше осум пријавени, беше „Инвест билдинг“, која понуди 18.007 денари по метар квадратен односно 40.515.752 денари за целото земјиште. Со постигнатите цени, од трите парцели државата ќе инкасира вкупно 1,8 милиони евра.
Најповолните понудувачи се должни во рок од 15 дена од денот на завршување на постапката за јавно наддавање да ги уплатат средствата согласно постигнатата крајна цена од наддавањето. Доколку тоа не се случи, ќе се смета дека градежното земјиште не е отуѓено, нема да се пристапи кон склучување на договор за отуѓување и депонираните средства на најповолниот понудувач нема да му бидат вратени, а истиот нема да може да учествува на секое идно јавно наддавање за предметната градежна парцела. По извршената уплата во утврдениот рок, Министерството за транспорт и врски ќе склучи договор со најповолните понудувачи со кој купувачите се обврзуваат во рок од 30 дена од потпишувањето на истиот да го достават кај нотар заради солемнизација и во рок од 9 месеци од извршената солемнизација на договорот да обезбедат одобрение за градба на предвидениот објект, согласно урбанистички план по кој земјиштето е отуѓено. Во спротивно договорот еднострано ќе се раскине и 20% од вкупната сума од отуѓувањето нема да се врати на купувачот. Исто така, со договорот најповолниот понудувач се обврзува да го изгради објектот во рок не подолг од 6 години од прибавеното одобрение, при што доколку објектот не се изгради во определниот рок по вина на купувачот, договорот ќе се раскине и истиот ќе има обврска да плаќа договорна казна во висина од 2% од вкупно постигнатата цена на јавното наддавање за предметното земјиште за секој изминат месец.