Холандската консултантска компанија „Гронтмеј“ (Grontmij) го доби тендерот за дизајн на проектот за реконструкција на главната скопска железничка станица, јавува интернет – порталот „Плусинфо“. Покрај идниот изглед на станицата, холандскиот гигант ќе ја подготви и тендерската документација за избор на компанија за реконструкција на објектот, а ќе врши и супервизија на градежните активности.
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, во неодамнешното обраќање по повод првите 100 дена од работата на министерството, го најави зафатот за реконструкција на станицата за наредната година. „Овој проект е вреден 2,9 милиони евра и се очекува да започне во последниот квартал на 2012 година и да трае до средината на 2014 година и со истиот Скопје ќе добие современа и репрезентативна железничка станица“, истакна министерот Јанакиески.
„Гронтмеј“ е четвртата по големина европска консултантска фирма за инжинерство со 10.000 вработени и 350 канцеларии во меѓународни рамки. Оваа компанија пред неколку дена победи на проектот за дизајнирање на новиот терминал на аеродромот во Франкфурт кој во првата фаза од изградба ќе чини 450 милиони евра и претставува една од најважните инвестиции од овој вид во Германија.
Бојан Блажевски