Според податоците на Државниот завод за статистика, во септември 2011 година се издадени 212 одобренија за градба, што е за 20,9 % помалку во однос на истиот месец од претходната година. Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 165 (77,8%) се наменети за објекти од високоградба, 25 (11,8%) за објекти од нискоградба и 22 (10,4%) за реконструкција на објекти. Најголем пад се бележи кај проектите за реконструкција од 35,3% и објектите од високоградба за 25,3%, наспроти зафатите во секторот нискоградба каде е пресметан пораст на издадените дозволи за изградба за 92,3%.
Статистичките податоци покажуваат дека предвидената вредност на објектите изнесува 2.747.139 илјади денари, што е за 10,2% помалку во однос на септември 2010 година. И покрај забележаниот вкупен пад на вредноста на предвидените градежните зафати, во овој период значителен пораст е констатиран кај секторот нискоградба од дури 334,5% со проектирана сума на градежните работи во износ од 324.685 илјади денари.
Во извештајниот период е предвидена изградба на 676 станови со вкупна корисна површина од 53.221 метри квадратни, што претставува зголемување за 25% во однос на бројот на предвидени станови и за 6,9% во однос на предвидената површина на станбените единици во споредба со истиот период лани. И понатаму скопскиот регион предничи во бројот на планирани станови за градба со 322 станбени единици. На ниво на локални самоуправи, најмногу станови е предвидено да се градат во општина Аеродром (143), а по неа следуваат општина Охрид (85) и општина Кичево (60).
Бојан Блажевски