Успешен завршеток на проектот „Цел Центар на Точак“. Скопската општина Центар го субвенционираше купувањето на 969 нови велосипеди, проект што се реализираше трета година по ред. „Бројот на мажи и жени заинтересирани за купување велосипед годинава речиси беше изедначен, 495 мажи и 474 жени. Радува податокот што дел од овие велосипеди ќе ги возат најмладите жители на општината“ информираат локалните власти. Проектот има за цел да го намали сообраќајниот метеж во главниот град и да придонесе за намалување на загадувањето на животната средина.
Општина Центар годинава вложи 2,8 милиони денари во овој проект. Заедно со претходните две години, преку „Цел Центар на Точак“ досега било субвенционирано купувањето на над 2.800 велосипеди за граѓаните кои живеат во централното градско подрачје. Општина Центар му овозможи на секој жител еднократно да аплицира за субвенција до 30% од цената на купување нов велосипед, со вкупна вредност на субвенцијата до 3.000 денари.