Минимален пораст на бројката на предвидени станови за градење во текот на април 2018 година. Според податоците на Државниот завод за статистика, во четвртиот месец биле издадени одобренија за градење на 965 нови станови, со вкупна корисна површина од 62.340 метри квадратни. Споредено со идентичниот период лани, бројката на нови станови е зголемена за 5%, додека нивната корисна површина опаднала за 11,7%. Притоа, деловните субјекти обезбедиле одобренија за изградба на 693 станови со површина од 38.038 метри квадратни, додека во останатите живеалишта ќе инвестираат физички лица.
Во поглед на квадратурата, најголем интерес кај инвеститорите постои за издигнување на двособни (341) и трисобни станови (306). Скопскиот регион предничи на ниво на целата земја во однос на бројката на станови што допрва ќе се градат – за само еден месец се предвидени 719 нови станови. Притоа, Општина Аеродром потпишала одобренија за градење на 655 вакви единици за живеење. Веднаш по неа е Општина Охрид, која што во април 2018 година издала дозволи за изградба на 125 нови станови.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во четвртиот месец од годинава се издадени 249 одобренија за градење, што е за 3,9% помалку во однос на истиот период од минатата година. Предвидената вредност на објектите изнесува 6.214.781 илјади денари, што е за 73,3% повеќе во споредба со идентичниот период лани. Од вкупниот број одобренија за градење, 134 (53,8%) се наменети за објекти од високоградба, 44 (17,7%) за објекти од нискоградба и 71 (28,5%) за објекти за реконструкција. Од вкупно 249 објекти, на 161 (64,7%) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 88 (35,3%) објекти инвеститори се деловни субјекти.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk