Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија потпиша договор со проектантското студио „Прима инженеринг“ од Скопје за изработка на ревидиран основен проект за изградба на владиниот административен објект на улица „Македонија“ [»мапа]. Тимот на друштвото доби рок од 3 месеци, и најдоцна до 20 мај е должен да ја подготви неопходната документација за реализација на идното здание, кое треба да се гради во малиот парк до хотелот „Бристол“. Никола Стакинов и Жарко Чаушевски се авторите според чиви идејни решенија ќе се гради објектот и се стекнаа со двата конкурсни откупа во износ од 200.000 и 100.000 денари. „Прима инженеринг“ за архитектонските и инжинерските услуги поврзани со овој проект ќе наплати 5.900.000 денари или над 95.000 евра.
Во согласност со Деталниот урбанистички план, на атрактивната локација со површина од 746 метри квадратни ќе се гради зграда со приземје, осум ката и поткровје. Планирано е објектот да има бруто развиена површина од 4.099 метри квадратни, а во него ќе се смести администрацијата од Службата за општи и заеднички работи на владата, Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката и Советот за радиодифузија. Покрај на оваа локација, нови административни објекти за државните институции и за Електрани на Македонија се предвидени и на двете парцели спроти хотелот „Бристол“, на местото на некогашниот парк.