Градот Скопје летово ќе ги реконструира објектите на средните училишта што се во негова надлежност. Градежни работи е предвидено да се реализираат во девет училишни згради и да завршат до почетокот на учебната година. За оваа намена од градскиот буџет се издвоени 31,3 милиони денари, одоносно околу 500 илјади евра.
Во СУГС „Цветан Димов“ во моментов се заменува столаријата и се обновуваат подовите, во СУГС „Раде Јовчевски – Корчагин“ се заменуваат прозорците, во СУГС „Никола Карев“ се врши санирање на покривот, во СУГС „Владо Тасевски“ се реконструираат санитарните јазли, додека во училиштата „Браќа Миладиновци“ и „Арсени Јовков“ се работи на реконструкција на дворната површина на училиштето. Во средното училиште „Здравко Цветковски“ во моментов се работи на замена на азбесниот покрив на фискултурната сала, како и на замена на паркетот и реконструкција на гардеробата и санитарните јазли во спортската сала.
* Извор на фотографија: Град Скопје
Градот Скопје во периодот од 2009 до 2015 година за реконструкција и санација на средните училишта вложи околу 226 милиони денари, односно околу 3,7 милиони евра.