Националниот конзерваторски центар ја ангажираше градежната фирма „СИНТЕК – СПЕЦИФИК“ од Скопје за санација на Спомен – костурницата на паднатите борци од НОВ од Велес и Велешко. Станува збор за последната фаза од реконструкцијата на ова значајно спомен – обележје во Велес, за чие остварување се одвоени 3.126.123 денари или околу 50.000 евра. Од Министерството за култура на почетокот од годинава најавија дека проектот за санација на Спомен – костурницата ќе биде завршен најдоцна до крајот на 2015 година.
Во досегашните етапи од санациониот зафат беа изведени превентивни активности за надминување на проблемот со прокиснување во објектот. Реализирано е интервентно санирање на екстериерот, променети се оштетените делови и поставен е нов плексиглас, а во претстојната фаза треба да се реконструира внатрешноста на градбата. Градежниот зафат за санација на спомен – обележјето се одвива веќе две години.
Спомен – костурницата во Велес е отворена за посетителите во 1979 година. Ова здание е дело на академскиот вајар Љубомир Денковиќ и архитектот Саво Суботин од Србија. Бетонската конструкција во форма на афионов цвет е подигната во чест на загинатите велешки борци од Втората светска војна. Во објектот е сместен и најголемиот мозак во земјава, дело на познатиот македонски уметник Петар Мазев.
Текст, фото: Бојан Блажевски