Македонската влада подготви серија мерки за да се надмине проблемот што би се јавил по сечењето на дрвја и друга вегетација при изградбата на магистралниот гасовод Скопје – Тетово – Гостивар. 43 милиони денари се обезбедени за пошумување на Водно, што претставува директна компензација за уништеното зеленило од оваа парк – шума во Скопје. Од владата сметаат дека токму гасификацијата на Скопје и на Полошкиот регион може да биде најдобро решение за намалување на загадувањето. Во владата денеска се одржа прес-конференција, на која детално се образложија сите мерки што се преземаат за зачувување на парк – шумата „Водно“ по изградбата на магистралниот гасовод кон Тетово и Гостивар.
*Извор на фотографија: Влада на Р.М.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески посочи дека се направени измени во трасата, со која значително се намалило негативното влијание на градежниот проект врз вегетацијата на Водно. „Со новата траса значително се намалува опфатот на дрвна маса на Водно од 3.000 на околу 1.400 метри кубни. Исто така трасата се намалува од 25 на 10 метри ширина и се избегнуваат деловите каде има густа дрвна маса и растителен свет“ изјави министерот Сугарески.
Директорот на Македонски енергетски ресурси (МЕР) изјави дека по завршувањето на градежните активности теренот ќе се враќа во првобитната состојба, за што веќе се обезбедија средства за рекултивација и пошумување. Директорот Реџепи изјави дека не може да се врши промена на трасата на потегот кон Скопска Црна Гора, бидејќи тоа е еколошки и економски неизводливо и ќе ја одложи изградбата на гасоводот за уште 5 години. Воедно, постои можност за финансиски реперкусии на штета на буџетот на граѓаните, кои би произлегле од банките од каде што се подигнати овие средства.
„Скопје и неговата околина не се изолиран остров од остатокот на Македонија. Заради тоа, немаме право да стоиме на патот на гасификацијата на другите градови во Македонија, особено на Тетово, Гостивар и Кичево“ изјави скопскиот градоначалник Петре Шилегов. Тој најави дека од владата се обезбедени дополнителен 1 милион евра за градско зеленило за Скопје, но и владина обврска за да се пошумат соголените падини на Скопска Црна Гора и уште пет големи згради на јавни институции во Скопје да се приклучат на гасификациската/топлификациската мрежа.
Магистралниот гасовод Скопје – Тетово – Гостивар е со должина од 76 километри и треба да обезбеди природен гас за жителите и стопанството од Полошкиот регион. Инфраструктурниот проект е во вредност од околу 28 милиони евра.