Агенцијата за државни патишта потпиша договор за проширување на регионалниот пат Р 2433 од Радовиш до Лубница. Според информациите објавени од Македонската берза, градежната компанија „Бетон“ од Скопје ќе ги реализира изведбените активности за сума од 162.312.892 денари или за околу 2,6 милиони евра. Делницата е изградена во седумдесетите години од минатиот век, а нејзината вкупната должина изнесува 22 километри. Со проектот ќе се зголеми ширината на коловозот од постојните 3,5 метри на 6 метри и ќе се овозможи ефикасно поврзување на Радовиш со околните населени места Ињево, Дедино, Ракотец, Конче и Лубница.
Финансиските средства се обезбедени преку владината програма за рехабилитација на регионалните патишта, која се спроведува со кредит од Европската банка за обнова и развој. Изведбата на регионалниот пат од Радовиш до Лубница треба да заврши до крајот на 2013 година, иако првичното ветување беше дека тој ќе биде реализиран најдоцна до април 2012 година.