Раководството на Македонски пошти пред две недели потпишало договор за адаптација на деловниот простор во главната пошта во центарот на Скопје. Компанијата „ДОН-ХАУС“ од тетовското село Мала Речица ќе ги реализира неопходните градежни зафати во дирекцијата на Македонски пошти. За оваа намена се издвоени 11.775.660 денари или над 190.000 евра. Новата организација на просторот ќе се изведе во рок од 12 месеци, колку што изнесува времетраењето на склучениот договор. Потребата од адаптација на деловниот простор се јави по пожарот што го зафати објектот Пошта 1 на средината од јануари годинава, кога целосно беше уништена шалтерската сала, куполата и дел од канцеларискиот простор.
Покрај реконструкцијата на административниот дел за вработените, со проектот за санација е предвидено досегашниот шалтерски простор да се пренамени и да добие нова функција. Од Македонски пошти се одлучија да не го обноват уништениот мурал на познатиот уметник Борко Лазески, кој целосно беше уништен во силниот пожар што ја зафати главната шалтер – сала.