Претходна статија
Заврши изработката на проектот за изградба на пругата од Крива Паланка до Деве Баир
Следна статија
Во Куманово ќе се градат три монтажни паркинг гаражи

16,5 милиони денари за довршување на реконструкцијата на затворот „Идризово“

Објавено на 21.02.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

Министерството за правда пред еден месец склучило договор за набавка на непредвидени работи кои се појавиле при изградбата и реконструкцијата на објектите во казнено-поправниот дом „Идризово“. Македонската подружница на словачката фирма „Хемкостав“ од Михаловце ќе добие дополнителни 16,5 милиони денари за довршување на непредвидените работи во наредните 90 дена. Според потпишаниот договор од 2013 година, новиот лик на КПД „Идризово“ треба да биде завршен најдоцна до 2018 година. Вкупната сума издвоена за изградба и реконструкција на скопскиот затвор се искачи на 712.430.846 денари.

 

 

Финансиските средства за изградба и реконструкција на КПД „Идризово“ беа обезбедени од Банката за развој при Советот на Европа и од државниот буџет. И покрај тоа што требаше да се завршат сите три фази до оваа година, Министерството за правда лани информираше дека е комплетирана единствено првата етапа од овој проект. Станува збор за изградбата на новото полуотворено одделение со 260 легла и на отвореното одделение за сместување на дополнителни 260 затвореници, како и на обновата на тренинг-центарот за вработени и управната зграда на затворот.

 

Затворскиот комплекс „Идризово“ во иднина треба да се простира на 42.000 метри квадратни, кои во најголема мерка треба да бидат новоизградени објекти. Со нивната реализација, планирано е да се зголеми капацитетот на казнено-поправната установа од постојните 900 на 1.600 лица. Наспроти ваквите најави, затворениците од КПД „Идризово“ во континуитет се жалат за катастрофалните услови во кои осудениците ги издржуваат своите затворски казни.