Почнувајќи од денеска, во текот на наредните две години ќе се одвиваат градежни активности за реконструкција и проширување на дел од магистралниот пат Велес – Штип, поконкретно сегментот помеѓу Велес и Кадрифаково. Најфреквентната делница во источна Македонија ќе биде целосно санирана, а на делот од велешката депонија до Лозово и потоа до Сарамзалино ќе биде изградена трета лента и патот ќе се прошири од постоечките 6,4 на 11,1 метри. Првата од трите етапи предвидува реконструкција на коловозот, поставување на нова сообраќајна сигнализација и замена на заштитната ограда во должина од 4,7 километри, на потегот од клучката Велес до велешката депонија. Во оваа етапа што треба да се реализира до крајот на тековната градежна сезона ќе се вложат околу 1,3 милиони евра. За изведувач на градежните работи е избрана австриската компанија „Штрабаг“.
* Магистралниот пат Велес – Штип
Втората фаза од изградбата ќе стартува во текот на наредната година и ќе опфати реконструкција и проширување во должина од 8,9 километри, при што ќе се инвестираат 6,4 милиони евра. Третата фаза од овој зафат треба да започне во мај 2014 година, таа ќе ја опфати трасата Лозово – Сарамзалино – Кадрифаково во должина од 10,7 километри, чија изведба ќе чини 7,2 милиони евра. Вкупната должина на магистралниот пат што ќе биде подложен на реконструкција е околу 24 километри, а во него ќе бидат инвестирани околу 15 милиони евра од буџетот на Република Македонија. Овој проект е дел од владината Програма за изградба и реконструкција на македонските патишта за 2013 година.