Министерството за животна средина и просторно планирање денеска потпиша договори со 12 концесионери за изградба на 19 мали хидроелектрани на постоечкиот воден потенцијал на територијата на државава. Планираните енергетски објекти е проценето дека ќе имаат инсталирана моќност од 20 мегавати, а концесионерите ќе стопанисуваат со нив во наредните 23 години. Со потпишаните договори е предвидено да се изведат вакви енергетски објекти на реките Брегалница, Тополка, Орешка, Конска, Беличка и на девет други помали реки.
Надлежното министерство, од еднократниот концесиски надоместок очекува во државниот буџет да се слеат 24,3 милиони евра. Според досега изработените стратешки документи, на територијата на Република Македонија се утврдени 400 локации на кои е проценето дека можат да се изградат мали хидроелектрани, при што голем дел од нив остануваат енергетски неискористени до денешен ден.