Претходна статија
Шпански скали сепак ќе се градат на плоштадот „Македонија“
Следна статија
Просечната цена на становите за пет години опаднала за над 11%

1 септември – датум за отворање и ветување на нови училишта

Објавено на 01.09.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Македонските државни функционери го искористија почетокот на новата учебна година за фотографирање пред изградените училишта и за ветување на нови образовни објекти во неколку општини низ земјава. Премиерот Никола Груевски и министерот за финансии Зоран Ставрески денеска ја пуштија во употреба новата зграда на основното училиште „Живко Брајковски“ во скопската општина Бутел. Во објектот со површина од 5.000 метри квадратни беа инвестирани над 1,8 милиони евра, делумно обезбедени преку кредит од Светската банка. Новата училишна зграда има 25 училници, трпезарија, канцелариски простор и други содржини наменети за посетување на настава на 800 ученици.

 

* Извор на фотографија: општина Кисела Вода

 

 

Покрај пуштањето во употреба на училиште во Бутел, премиерот Никола Груевски заедно со министерот за образование и наука Абдулаќим Адеми денеска беа и на поставувањето камен – темелник за новиот објект на ОУ „Невена Георгиева Дуња“ во општина Кисела Вода. Зданието ќе има вкупна корисна површина од 1.220 метри квадратни, а инвестицијата во висина од 75 милиони денари е на Министерството за образование и наука. Училишниот објект треба да биде завршен во рок од 16 месеци, по што тој ќе може да прими на настава околу 600 ученици. За изведувач на градежните работи на терен е избрана фирмата „Изградба – комерц“ од Скопје.

 

Во пресрет на новата учебна година, Министерството за образование и наука деновиве распиша тендер за пронаоѓање на градежни компании што ќе реконструираат 23 основни училишта на територијата на целата земја. Проценетата вредност на санациониот зафат изнесува 137.173.449 денари, односно над 2,2 милиони евра без вклучен ДДВ. Во проектот за рехабилитација на училишните објекти ќе бидат вклучени постари објекти на основните училишта од општините Тетово, Куманово, Боговиње, Гази Баба, Валандово, Кавадарци, Гостивар, Карбинци, Лозово, Арачиново, Студеничани, Виница, Струга, Босилово, Делчево, Сарај и Свети Николе. Зацртано е целокупниот реконструктивен зафат да се одвива етапно, при што истиот би требало да се комплетира во рок од 12 месеци.

 

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk