Градот Скопје распиша тендер за довршување на „барокизацијата“ на зградата на „Пелагонија“, лоцирана до Триумфалната порта во центарот на Скопје. Околу 1,3 милиони евра е проценето дека ќе чинат античките столбови и златно – жолтата фасада на овој некогаш модернистички бисер на скопската архитектура. Градските власти го раскинале договорот со претходниот изведувач на работите, којшто беше избран на тендер во текот на пролетта 2015 година. Од градскиот буџет тогаш се издвоија 1,9 милиони евра за скопската фирма „ЛСГ Билдинг Солушнс“ од Скопје, која требаше во рок од една година да ги заврши активностите на терен.
Во изминатиов период беше реализирана бетонската конструкција за новата фасада, заедно со поставувањето на новата дограма. Овој зафат на Град Скопје е дел од проектот „Скопје 2014“, со кој се промени оригиналниот лик на десетици модернистички зданија во централното градско подрачје. Како и во однос на сите претходни фасади, градските власти го финансираат менувањето на надворешниот изглед на овој објект со средства префрлени од државниот буџет. Градот Скопје ги очекува понудите од заинтересираните субјекти најдоцна до 21 септември, по што ќе се знае новиот изведувач на градежните работи за довршување на „барокната“ фасада на објектот „Пелагонија“.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk