Претходна статија
Поништен тендерот за изработка на нов ГУП за Велес
Следна статија
Владата предлага изградба на четири регионални депонии низ земјава

Цената на становите во последните две години опаднала за 9,4%

Објавено на 23.03.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

И во 2017 година продолжил трендот на опаѓање на цената на становите во нашата земја. Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната цена на еден метар квадратен станбена површина лани изнесувала 41.822 денари, што е за 2,9% помалку во однос на 2016 година. Што се однесува до просечната цена во второто полугодие од 2017 година, таа е намалена за 6,2% во однос на првите шест месеци од минатата година. Ваквото намалување на вредноста на овој вид недвижности трае со години наназад, при што статистичките податоци покажуваат дека вредноста на становите во Македонија само во изминативе две години е намалена за 9,4%. 

 

 

Статистичарите пресметале драстичен пад на цената на становите во Скопје. Само во 2017 година таа опаднала за дури 14% во однос на претходната година, така што еден квадрат лани во главниот град се продавал во просек по 43.710 денари. Притоа, во второто полугодие од 2017 година е забележано опаѓање на нивната вредност од 4,8% во споредба со периодот јануари – јуни 2017 година. Идентично како и на ниво на државата, трендот од минатата година е продолжеток на опаѓањето на цената на станови од претходниот период.

 

Од Државниот завод за статистика информираат дека просечната цена на становите во останатите македонски општини лани изнесувала 32.001 денари, што е за 2,2% помалку во однос на 2016 година. Наведените просечни цени на еден метар квадратен станбена површина се без вкалкулиран данок на додадена вредност.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk