Севкупната ланска криза во македонското општество не ги погоди градителите на нови станбени објекти. Во 2017 година е достигнат апсолутен рекорд во Македонија во однос на отпочнувањето со градење на нови станови. Државниот завод за статистика пресметал дека македонските општини лани издале одобренија за градење на 7.939 станови, со вкупна корисна површина од 664.111 метри квадратни. Ова е највисоката бројка на предвидени станови и на нивната корисна површина за периодот од 2010 година до денес. Експанзијата на овој вид недвижности е поголема и од 2016 година, кога македонските општини издале градежни дозволи за вкупно 7.837 станови.
Статистичките податоци покажуваат убедливо најголем интерес има за инвестирање во нови станбени објекти во скопскиот регион. Притоа, скопските општини Карпош, Аеродром и Центар издале одобренија за градење на најзначаен сегмент од предвидените живеалишта за градење. Од аспект на нивната квадратура, и во 2017 година доминирала изградбата на двособни и трисобни станови. Во оваа бројка влегуваат објектите започнати од физички лица и од деловни субјекти.
Погледнато по месеци, најмалку одобренија за градење на нови станови во земјава се издадени во декември, ноември и јули 2017 година. Овие месеци се едни од ретките периоди во годината кога е забележано забавување на процесот на отпочнување на изградбата на нови станбени зданија. Во овие статистички податоци влегуваат живеалиштата предвидени во објектите за индивидуално домување, но и вложувањето во изградба на нови колективни згради за домување.
Ваквите рекордни бројки за планираните нови станови во 2017 година доаѓаат во период на константно намалување на цената на овој вид недвижности во Скопје. Па така, Народната банка во својот последен извештај за третиот квартал од минатата година посочи дека цената на квадрат станбена површина во главниот град опаѓала во континуитет во период од една и пол година наназад. Овој тренд на намалување на вредноста на станбените единици не е карактеристичен единствено за 2017 година. Имено, статистичарите пресметале дека цената на становите во земјава се намалила за 6,5% во текот на 2016 година.
Наспроти рекордната бројка на предвидени станови за градење во 2017 година, статистичките податоци покажуваат дека во изминатава деценија најчесто се издавале одобренија за градење на станови, чија годишна бројка се движела во опсегот од 5.000 до 7.000 на ниво на целата земја. Она што преостанува да видиме во претстојниот период е на кој начин пазарната побарувачка ќе ја апсорбира понудената бројка на 7.939 нови станови во македонските општини.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk