Скопскиот градоначалник Петре Шилегов денеска вети дека изработениот проект за „зелениот кров“ на Градскиот трговски центар (ГТЦ) ќе биде корегиран преку воспоставената соработка со архитектонската фела. „Преку ‘Скопје урбан центар’ каде што се членки Здружението на архитекти и Архитектонскиот факултет ќе бидат извршени определени корекции на проектот“, изјави градоначалникот Шилегов. Тој дополни дека изготвениот идеен проект за „зелениот кров“ бил доставен од ГТЦ како донација на ова акционерско друштво што управува со трговскиот центар.
Градот Скопје учествувал во проектот, но само преку финансирање на истиот и обезбедувањето средства, додека УНДП ја спровело постапката. Градоначалникот Шилегов појасни дека засадувањето дрвја и други видови садници на последниот кат на ГТЦ следувало како идеја по направените истражувања на УНДП, кои покажале дека покривот на ГТЦ е за 10 степени потопол од преостанатиот простор околу плоштадот „Македонија“.
Минатонеделната презентација на проектот во јавноста предизвика негодувања од архитектите. Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) ја повика владата да го заштити ГТЦ како национално културно наследство, заедно со другите маркантни зданија на Модерната од центарот на Скопје.
Проектот за „зелениот кров“ на ГТЦ е предвидено да опфати површина од 1.800 метри квадратни, што е една десеттина од целокупниот последен кат на овој трговски центар. Станува збор за создавање на нов јавен простор, на кој би биле засадени 29 дрвја и повеќе од 30 други садници, а ќе се постават и неколку водени зони во форма на фонтани и базени, монтажна бина, партерно шаховско поле, кафе – бар, модерна урбана опрема, корпи за отпадоци и паркинзи за велосипеди.